ПроКредит групацијата ја заврши предизвикувачката финансиска 2020та година со значителен раст на портфолиото и робустен финансиски резултат.

  • Растот на кредитите за клиенти од 9,5% и на депозитите од клиенти од 13,0% во 2020 година ја нагласува силната позиција на Групацијата како сигурен партнер за МСП
  • Растот на портфолиото е главно управуван од инвестициски и зелени кредити
  • Односот трошоци-приходи од 68,0% продолжи да се подобрува; сé на сé, трошокот за управување со ризикот е под првичните очекувања
  • Консолидираниот резултат од 41,4 милиони евра одговара на поврат на капиталот од 5,3% и ја демонстрира цврстината на деловниот модел
  • Извештајот за влијанието ја нагласува централната улога на ESG во позитивните резултати на Групацијата и го претставува значителниот напредок што го постигна Групацијата ПроКредит во областа на одржливоста
  • Раст на портфолиото од околу 10% и понатамошно подобрување на односот трошоци-приходи и поврат на капиталот што се очекува за 2021 година се предмет на закрепнување на глобалната економија
  • Предлог за дивиденда од 0,18 евра за акција, со намера да се предложи распределба на понатамошна дивиденда од 0,35 евра во К4 од 2021 година.

Франкфурт на Мајна, 25 март 2021 година – За Групацијата ПроКредит, која е главно активна во Југоисточна и Источна Европа, изминатата финансиска година беше во целина успешна и покрај предизвиците што ги носи пандемијата со COVID-19. Предностите на деловниот модел на Групацијата фокусирани на одржливост и во чија основа се долгорочните односи со клиентите, јасно дојдоа до израз во кризната 2020 година. Растот на портфолиото на кредити за клиенти од 457 милиони евра или 9,5% беше на горната граница на најновата цел од 8-10% (2019: 448 милиони евра или 10,3%). Односот трошоци-приходи беше подобрен за 2,5 процентни поени достигнувајќи 68,0% (2019: 70,5%) и го одразува подобрувањето на ефикасноста на трошоците. Робусниот консолидиран резултат од 41,4 милиони евра одговара на поврат на капиталот од 5,3% (2019: 54,3 милиони евра / 6,9%). Објавувањето на Годишниот извештај за 2020 година повторно беше дополнет со годишниот Извештај за влијанието истакнувајќи ги целите на одржливоста на Групацијата ПроКредит и постигнатиот напредок.

Бизнисот продолжува да се развива позитивно и покрај тешките услови

Значајниот раст на портфолиото во финансиската 2020 година се припишува првенствено на долгорочните инвестициски кредити. ПроКредит банките беа во можност да ги поддржат токму оние издржливи мали и средни претпријатија (МСП) кои беа во можност да го развијат своето деловно работење дури и во 2020 година со проширување на својата машинерија или преку градежни проекти. Покрај тоа, забележан е натамошен раст во областа на зелените кредити. Портфолиото на зелени кредити на Групацијата ПроКредит порасна за 23,8% во 2020 година, значително побрзо од вкупното кредитно портфолио. На крајот на годината, зелените кредити сочинуваат 18,7% од вкупното портфолио. Овие кредити, исто така, беа првенствено инвестициски кредити користени на пример за решенија за обновлива енергија и за надградување на енергетски ефикасни машини.

Депозитите од клиентите се зголемија за 565 милиони евра (13,0%) во финансиската 2020 година (2019: 538 милиони евра; 14,2%) и го надминаа растот на кредитното портфолио. Депозитите од деловните клиенти се развија особено позитивно, а сегментот на малопродажни клиенти, исто така, покажа многу охрабрувачки трендови, истакнувајќи ја растечката позиција на ПроКредит како директна банка за приватни клиенти.

Квалитетот на портфолиото остана скоро константно солиден во 2020 година. Од 31 декември 2020 година, уделот на нефункционалните кредити во вкупното кредитно портфолио беше 2,6%, приближно исто како и претходната година (31.12.2019: 2,5%); сепак, воведувањето на новите упатства на EBA за пријавување на нефункционални кредити (EBA / GL / 2016/07) само по себе доведе до зголемување на овој индикатор за 37 основни поени. Заклучно со 31 декември 2020 година, само помалку од 2% од кредитното портфолиото остана во мораториум.

Трошокот од управување со ризици во 2020 година е под првичните очекувања

Консолидираниот резултат вклучува зголемување на резервациите за загуби на 28,6 милиони евра во споредба со претходната година (2019: ослободување од 3,3 милиони евра за резервации за загуби). Трошокот за управување со ризици беше 57 основни поени, т.е., помал од првично изразеното очекување од околу 75 основни поени. Менаџментот на ПроКредит смета дека здравото управување со ризици на Групацијата и нејзиниот јасно фокусиран деловен модел заснован на одржливи односи со МСП се значајни фактори за одржување на зголемувањето на трошоците за резервации за загуби во прифатлив опсег, и ова го олесни постигнувањето на консолидираниот резултат за 2020 година што ја рефлектира цврстината со оглед на тешкото економско опкружување.

Приходи пред резервации за загуби кои растат во согласност со кредитното портфолио

Нето-приходот од камати на Групацијата ПроКредит се подобри за 7,0 милиони евра, искачувајќи се на 201,6 милиони евра во 2020 година како резултат на значителниот раст на кредитното портфолио. Намалувањето на основните каматни стапки на скоро сите пазари каде што работи Групацијата ПроКредит беше повеќе од компензирано со растот на портфолиото и зголемувањето на депозитите со ниска камата.

Падот на нето приходите од провизии и надоместоци на 47,4 милиони евра (пад од 4,6 милиони евра) главно се должи на помалиот обем на домашни и меѓународни трансфери за време на пандемијата со COVID-19.

Оперативните трошоци значително се намалија за 4,3 милиони евра и сега изнесуваат 171,4 милиони евра. Покрај пониските трошоци за маркетинг и патувања, оперативните трошоци од претходната година меѓу другите ставки вклучуваа и еднократни ефекти од отписи.

Затоа беше можно значително да се подобри односот трошоци-приходи за 2,5 процентни поени и да достигне 68,0%, што е под прогнозата од „околу 70%“ на почетокот на годината. Добивките пред оданочување и резервациите за загуби се зголемија за 7,7 милиони евра или 10,5%, нагласувајќи ги натамошните структурни подобрувања во финансиското работење на Групацијата.

Капитализацијата останува солидна

Како што се очекуваше, коефициентот на Заедничкиот капитал – ниво 1 (CET1 потполно оптоварен) беше над 13% на 31 декември 2020 година и изнесуваше 13,3%. При пресметување на коефициентот на Заедничкиот капитал – ниво 1, една третина од консолидираниот резултат за 2019 година и една третина од консолидираниот резултат за првата половина на 2020 година продолжуваат да се одземаат заради дивиденда. Консолидираниот резултат за втората половина на 2020 година сè уште не е признат во капиталот – ниво 1 на 31 декември 2020 година. Солидната и пријатна капитализација на Групацијата ПроКредит се рефлектира и во коефициентот на задолженост, кој со 9,3% е далеку над просекот за банкарскиот сектор.

Менаџментот на ПроКредит е задоволен од изминатата финансиска година која беше предизвикувачка во многу аспекти: „Особено во години на криза, важноста на одржливите деловни практики станува очигледна. Сметаме дека добрите резултати од минатата година обезбедуваат понатамошно потврдување на нашиот деловен пристап. Во нашиот овогодишен Извештај за влијанието, ние посебно истакнавме и како нашата сеопфатна посветеност на целите на ESG поддржува создавање на долгорочна вредност за сите засегнати страни на ПроКредит.

Како „Домашна банка“ за МСП, ние посветено ги поддржуваме нашите клиенти дури и во тешки времиња. Нашиот раст оваа година потврдува дека ние ја прифаќаме оваа улога. Фактот дека работиме со внимателно избрани деловни клиенти и немаме значително портфолио на потрошувачки кредити, ни овозможи ефикасно управување со и проценка на кредитните ризици дури и во текот на оваа предизвикувачка година. Исто така, ние сме охрабрени да знаеме дека нашите клиенти можат да имаат клучна улога во заздравувањето на економиите во кои работиме.

Бидејќи целото наше малопродажно банкарство веќе се одвива преку дигитални канали, можевме да ја прескокнеме фазата во пандемијата кога ќе требаше да направиме скапа транзиција кон бесконтактни филијали. Како резултат, нашиот непосреден фокус од почетокот на пандемијата беше насочен кон управување со ризици и поддршка на мали и средни претпријатија во овој проблематичен период. Како што направивме во последната финансиска криза од 2008 до 2010 година, ние сме повторно во можност да генерираме солиден поврат на капиталот во една бурна година за глобалната економија.

Четвртиот годишен Извештај за одржливост го истакнува добриот напредок во областа на одржливоста

На 25 март 2021 година, ПроКредит го објави и својот четврти годишен Извештај за одржливост насловен како „Зошто одговорното банкарство е важно за нас“, кој беше подготвен во согласност со стандардите на GRI (основна опција). Тој го опишува значителниот степен до кој нашата фундаментална посветеност на целите на ЕSG го обликува идентитетот на ПроКредит и позитивно влијае на работењето и резултатите на Групацијата. Во рамките на извештајот, Групацијата исто така известува за разни нефинансиски индикатори и ги презентира своите цели на одржливост и забележителниот напредок во контекст на целите на ООН за одржлив развој.

Кредитното работење на Групацијата има за цел да генерира стабилна, долгорочна вредност за своите клиенти и со тоа да даде позитивен придонес за локалните економии. Фокусот е ставен на улогата на „House Bank“ за МСП. Понатаму, портфолиото на зелени кредити станува сè поважно во овој поглед; особено секторот за обновлива енергија забележа значително зголемување од околу 100 милиони евра во 2020 година.

Исто така, интерно беа постигнати значајни пресвртници во областа на одржливоста. Минатата година Групацијата беше во можност да го намали својот јаглероден отпечаток за над 46% и на тој начин значително се приближи до својата среднорочна цел за климатска неутралност. ПроКредит постигнува напредок во оваа област преку своите климатски мерки, како што се инвестирање во енергетски ефикасни градежни технологии, користење на електрични автомобили и воспоставување на сопствени обновливи извори на енергија.

Се очекува позитивен развој на бизнисот во 2021 година

Неизвесноста во врска со понатамошниот развој и идното влијание на пандемијата со COVID-19 останува голема. Претпоставувајќи дека глобалната економија ќе закрепне во 2021 година како што е предвидено, Менаџментот очекува раст на кредитното портфолио од приближно 10% во финансиската 2021 година, со многу побрз раст на портфолиото на зелени кредити. Среднорочната цел на учеството на зелените кредити во вкупното портфолио од 20% треба да се постигне веќе во 2021 година. Се очекува трошоците за управување со ризици да останат зголемени во 2021 година, но треба да бидат малку под нивото од 57 основни поени од 2020 година. Односот трошоци-приходи се очекува дополнително да се подобри и да биде помеѓу 65% и 68%. Под овие услови, се очекува подобрен поврат на капиталот помеѓу 6,0% и 7,5%. Земајќи ги предвид планираните распределби на дивиденда, на крајот на 2021 година се очекува коефициентот на Заеднички капитал – ниво 1  (CET1 потполно оптоварен) да биде приближно 13%, а коефициентот на задолженост приближно 9%.

Објавен предлог за дивиденда за финансиската 2020 година

Управниот одбор на Генералниот партнер на ПроКредит Холдинг АГ & Ко КГаА на 22 март 2021 година одлучи да предложи распределба на дивиденда во вкупна вредност од 10,6 милиони ЕУР или 0,18 ЕУР за акција на Годишното генерално собрание на ПроКредит Холдинг закажано за 27 мај 2021 година. Предложената дивиденда одговара на 20 основни поени од коефициентот на Заедничкиот капитал – ниво 1  на Групацијата ПроКредит, а со тоа и на максималното ниво на препораката на Европската централна банка за исплата на дивиденда со важност до 30 септември 2021 година. Надзорниот одбор на ПроКредит Холдинг го одобри овој предлог.

Во договор со Надзорниот одбор, Управниот одбор, исто така, има намера да предложи натамошна распределба на дивиденда од 0,35 евра за акција најдоцна до 31 декември 2021 година на Вонредното генерално собрание што може да биде свикано за оваа намена, доколку ниту германскиот сојузен финансиски надзорен орган, ниту Европската централна банка не издадат соопштение што исклучува таков предлог.

Во случај да се исплати и втората планирана дивиденда, вкупната распределба би одговарала на една третина од кумулативните консолидирани резултати од финансиската 2019 и 2020 година и со тоа би се усогласила со дивидендната политика на ПроКредит Холдинг. Не им беше поделена дивиденда на акционерите за финансиската 2019 година поради препораките на регулаторните тела кои тогаш преовладуваа.

Со оглед на јасниот фокусиран деловен модел на Групацијата ПроКредит, нејзините блиски односи со клиентите и конзервативната стратегијата на управување со ризици, Менаџментот продолжува да гледа позитивно на среднорочниот развој на Групацијата и ги поддржува среднорочните цели за раст на кредитното портфолио од 10%, однос на трошоци-приходи под 60% и коефициент на поврат на капитал од околу 10%.

Годишниот извештај за 2020 година на Групацијата ПроКредит, Нефинансискиот извештај за влијанието за 2020 година и Извештајот за обелоденување за 2020 година се достапни од денес во делот за Односи со инвеститори на интернет страницата на ПроКредит Холдинг на: https://procredit-holding.com/investor-relations/reports-and-publications/